Освоија 8 МИЛИОНИ ДОЛАРИ: Македонецот Мартин и неговата тајфа се светски прваци во Дота2!

Македонецот Мартин Саздов, познат како „Сакса“, заедно со неговата екипа Тундра го освои Светското првенство во Дота 2, која е една од најпопуларните игри во светот на е-Спортот, а притоа заработија неверојатни осум милиони долари за нивниот фантастичен настап во Сингапур.

Тундра имаше одличен настап во групната фаза, а добрите резултати ги префрлија во нокаут-фазата, каде најпрво му одржаа лекција на тимот на Ликвид (2-0), па потоа го уништија и Тим Астер за да обезбедат две пресметки со Сикрет, кој беше немоќен против Сакса и другарите.

„Сакса“ и тајфата прво го совладаа Сикрет со 2-1 за пласман во големото финале, каде што Сикрет повторно обезбеди место со победата против Тим Ликвид (2-1), но сепак битката за трофејот на „Д Интернешнл“ или светското првенство во Дота 2 ја одбележа целосна доминација на Тундра (3-0).

Ова е најголем успех за најдобриот македонски играч во Дота 2, но и досега најголемото достигнување на било кој македонски е-спортист. Мартин ја почна неговата професионална кариера во 2015 година, во која досега има издвоено три победи на светски турнири, четири втори места и три појавувања на светскиот шампионат.

Исто така ова беше трет настап на „Сакса“ на Светското првенство во Дота 2, откако во 2016 година со екипата на Дигитал Чеос заврши на втората позиција по болниот пораз од Вингс Гејминг (1-3), по што минатата година настапи заедно со ОГ, но немаше многу успех и заедно со неговите колеги го освоија седмото место.

Е-спортот е потврден како национален спорт од јануари оваа година со препознавањето на Македонската е-спорт Федерација (МЕСФ) и нејзиното признавање од страна на АМС, додека е-Спорт федерацијата активно работи од 2005 година и е препознаена како 66. членка на Меѓународната е-спорт федерација.