Нашиот Тоше ја отпеа химната на Плазма Спортските игри – приказна која и денес инспирира!

Во пресрет на Државното првенство на Плазма Спортските игри за млади, кое ќе се одржи на 30 јуни во Општина Кисела Вода, организаторите споделија една посебна приказна поврзана со легендарниот Тоше Проески.

И по речиси две децении од неговото заминување, продолжуваат да се откриваат сведоштва за неговата хуманост и големина. Едно од нив е учеството на Тоше во создавањето на официјалната химна на Плазма Спортските игри за млади – најголемата аматерска спортска манифестација во Европа, која годинава за првпат се одржува и во Македонија.

Станува збор за песната „Снага живота“, која Тоше ја изведува заедно со некои од најголемите музички имиња од регионот, меѓу кои Нина Бадриќ, Оливер Драгојевиќ, Петар Грашо, Борис Новковиќ, Даниела Мартиновиќ, Теди Спалато и други хрватски изведувачи. Неодамна беше објавен и видеоспот за песната, составен од архивски снимки од Спортските игри за млади и кадри од снимањето на вокалите. Во него е вклучен и емотивен момент со Тоше, преземен од промоцијата на неговиот легендарен албум „Игри без граници“, што му дава дополнителна симболика.

Пред рефренот токму Тоше го изведува стихот:

„Мал чекор се топи во снегот, силата на животот го затвора кругот.“

Учеството на Тоше во овој проект совршено се вклопува во неговата животна мисија. Во текот на кариерата тој секогаш беше дел од хуманитарни и општествено одговорни иницијативи, оставајќи зад себе песни со силни пораки како „Сите сме нивни деца“, темата на УНИЦЕФ „This World“, „Password“ и „Македонија навива за вас“.

Химната на Плазма Спортските игри за млади не е само песна за спортот. Таа ги промовира младоста, пријателството, фер-плејот, заедништвото и вербата во подобра иднина – вредности кои Тоше Проески ги живееше и ги пренесуваше преку својата музика. Државното првенство на Плазма Спортските игри за млади ќе се одржи во вторник, 30 јуни, со почеток во 9:00 часот во Општина Кисела Вода. Победниците ќе обезбедат пласман на меѓународното финале, кое од 17 до 22 август ќе се одржи во Сплит.