Ѓорческа: Навивајте за мене од дома - ќе дадам се од себе!
До првото коло стигна по три победи во квалификациите, а за противник во воведникот круг ја доби ланската финалистка Аманда Анисимова која во моментов е шеста на ВТА листата и рангирана како шеста носителка на Вимблдон. Јасно е дека Американката е фаворит на утрешниот меч, но Ѓорческа не е премногу вознемирена поради тоа и има порака до љубителите на тенисот во Македонија.
„Квалификациите поминаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум блиску, а треба и да се склопат коцките, за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200. најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен меч. Сепак, би го издвоила вториот (против Франциска Жорге). Последниот натпревар го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна, пред сè со тоа како се носев за време на мечот. За Аманда Анисимова нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, а мојата единствена цел е да го одиграм своето. Се надевам дека ќе биде интересен меч и гледајте и навивајте од дома“, рече Ѓорческа пред натпреварот.
Дуелот меѓу неа и Анисимова е закажан за утре во 13 часот по средноевропско време и ќе се игра на теренот број 2 на комплексот на Вимблдон.