Македонија со шест спортист(к)и на ЛОИ во Париз – има најава и за олимписки медал (ФОТО)

Македонската делегација утре ќе замине во Париз каде што од 26 јули до 11 август ќе учествува на Летните олимписки игри и тоа со шест претставници – еден помалку од најавените со оглед на откажувањето на пливачката Ева Петровска поради болест.

Знаменосци ќе бидат атлетичарот Дарио Ивановски и таеквондистката Милијана Рељиќ, која, пак, беше најхрабра на денешната промотивна прес-конференција најавувајќи борба за медал.

„За мене ова е прв олимписки настап што ме прави многу горда. Пред два дена се вратив од 15-дневен тренинг камп, каде што имав тројца-четворица спаринг партнери, кои работеа само со мене и кои ме подготвуваа за потезите што може да ги очекувам од противничките. Сигурна сум дека ќе го дадам максимумот, а се надевам дека со добра ждрепка ќе може да стигнам дури и до олимписки медал“, изјави Рељиќ.

Покрај Ивановски и Рељиќ, македонскиот спорт во Париз ќе го претставуваат уште и Владимир Егоров (борење), Никола Ѓуретановиќ (пливање), Еди Шерифовски (џудо) и Анастасија Мојсовска (спортско стрелаштво). Во француската престолнина ќе имаме и судии во три различни спорта и тоа Славе Николов и Ѓорѓи Начевски (ракомет), Анета Павловска (тенис) и Иван Михајловски (триатлон).