ИОК со демант: Олимписките игри во Токио ќе се одржат - летово!

„Тајмс“ објави дека Владата на Јапонија во тајност решила да не се одржат Олимписките игри во Токио ниту оваа година, откако тие лани беа одложени поради пандемијата на ковид-19, но сега пристигна демант од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).

Откако беше објавена веста, мораше да реагира и ИОК со соопштение и остро да ги демантира овие шпекулации за големиот настап, кој е закажан за летово во Токио.

„Се појавија некои медиумски извештаи дека Владата на Јапонија приватно решила дека ОИ во Токио мора да бидат откажани поради ковид-19. Тоа е лага. На состанокот на извршниот одбор на ИОК минатиот јули беше договорено церемонијата за отворање да се одржи на 23 јули оваа година. Сите кои учествуваат во организацијата работат на подготовка за успешни ОИ летово. Ќе ги примениме исте мерки против ковид-19“, соопштија од ИОК.