Голем успех за македонското карате: Злато за Матеј Белистојановски на Кипар!
Матеј Белистојановски кој се бореше во категоријата до 21 година и под 67 килограми успеа да освои злато со што ја круниса својата извонредна серија. Белистојаноски настапи сигурно и доминантно во текот на целиот турнир, совладувајќи низа силни противници од европскиот врв. Во финалната борба, со тактичка зрелост, борбеност и максимална концентрација, тој извојува победа над претставникот на Грција и заслужено се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал.
Патот на Белистојановски до златото:
9-1 над Микита Бахамолетс (ВКФ-2)
5-1 над Ригерс Рами (Албанија)
4-1 над Џо Галагер (Шкотска)
5-4 над Амине Еја (Белгија)
Во полуфиналето го победи Назарии Праничук (Украина) со 5-4 и го обезбеди финалето.
Во финалето го победи Георгиос Балиотис (Грција) со резултат 2-0.
Успех прослави и Немања Младеновиќ кој во категоријата кадети над 70 килограми дојде до среброто. Младеновиќ имаше одличен турнир и со серија убедливи победи обезбеди пласман во финалето, покажувајќи зрелост, физичка подготвеност и одлична тактичка дисциплина. Во борбата за злато, по неизвесен и жесток дуел, тој мораше да се задоволи со второто место, но неговиот настап остави силен впечаток кај стручната јавност.
Од настапите на останатите каратисти за издвојување се Марко Џорлев (кадети до –63 кг) кој имаше одличен настап и го заврши првенството на 5. место, откако настапи во борбата за бронзен медал и беше на чекор до ново одличје за Македонија, како и Мерван Мемеди (кадети до –52 кг) кој оствари неколку значајни победи во силна конкуренција и го заврши натпреварувањето со пласман меѓу најдобрите осум.