Димевски: Заедно да го смениме Законот за спорт, па директорите да стојат мирно пред нас!

Турбулентниот период во кој беа најавени промени во македонската Куќа на олимпизмот заврши со нов мандат за Даниел Димевски за прв човек на МОК, кој и покрај иницијативата за смена на крајот успеа да дојде до 45 гласа од вкупно 62 членки на Собранието.

Тој по изборот им се заблагодари на тие што гласаа за него, но и најави борба за нов Закон за спорт, според кој МОК и тој самиот нема да „стојат мирно“ пред разни директори, најверојатно алудирајќи на Агенцијата за млади и спорт (АМС) со која изминативе четири години немаше добри односи.

„Благодарам на поддршката, бројка гласови носи и голема одговорност. Сакам следниот пат да бидеме сите на иста страна. Многу ми е жал што во овој процес истрпевме некои ситуации кои не се добри. Ние што сме тука не сме многу, напротив, малку сме, но мораме да бидеме компактни. Ако се држиме силно, никој ништо не ни може. Јас сум фајтер, победувам зашто ве имам сите вас, сум ве испочитувал и затоа можам да ве погледнам во очи. Време е сега сите да запнеме и да го смениме Законот за спорт и да станеме посилни. Сите идни директори да стојат мирно пред нас и ние и вие го правиме спортот, а не директорите“, изјави Димевски еуфорично.

Потоа, тој малку ретерираше па ја смири тонот во продолжение од изјавата.

„Јас ќе останам тој што сум и ќе направам се да функционирам добро со секој иден директор, да не ве доведам во ваква ситуација во иднина. Не сум злопамтило и сакам да соработувам со секој од вас поединечно, без разлика кој како гласал. Сакам да работиме заедно“, дополни ново-стариот претседател на МОК.

Против Димевски беа осум членки на Собранието, а две гласаа воздржано.