Димевски го избраа федерации за кои никој не слушнал и „легенди“ кои - никој не ги знае!

Реизборот за Даниел Димевски за прв човек на Македонскиот олимписки комитет (МОК) предизвика бурни реакции во јавноста, особено поради работите кои му претходеа, а тоа беше Иницијативата за негова смена, која не беше реализирана поради не доволен број членови на Собранието кои се појавија на вонредниот собир што (не) се одржа минатиот вторник.

Причина за тоа беше фактот што во салата „Борис Трајковски“ најдоа 27 претставници на федерации и инвидивуални членови на највисокиот орган на МОК, што за малку не беше доволно за да има еден присутен повеќе од 50-отсто од вкупниот број гласачи (62). А вака голема бројка членови, пак, е поради (не) случајното кооптирање на нови имиња, кои според многумина и не заслужуваат да бидат дел од Собранието.

Дури и само летимичен поглед на списокот на тие што се дел од МОК (види ТУКА) може да се види дека за избор за претседател на македонскиот олимпизам гласале федерации за кои ретко кој знае дека постојат како Текбол федерација, Танцова федерација, Самбо федерација, Скејтинг федерација, Модерен пентатлон федерација, Спортско качувачка федерација и уште неколку други кои се не само на аматерско туку се блиску и до рекреативно ниво, а имаат ист глас на Собранието како федерации во спортови како фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, кои се убедливо најмасовни и најпопуларни во државата. Прашање е и што бара Специјалната олимпијада меѓу гласачите, со оглед што колку и да се занимаваат со значајна и хумана работа, таа е на сосема поинакво ниво од олимпискиот спорт и неговиот развој

Приказна за себе се и индивидуалните членови на Собранието на МОК, чиј глас исто така има вредност како и погоре споменатите (нај)големи федерации, без разлика на нивната спортска биографија и успеси. Шокатно делува што дел на овој најголем спортски орган во државата меѓу легенди како Горан Пандев, Кочо Димитровски, Шабан Сејдиу, Владимир Богоевски се и поранешни кошаркарки како Едина Муса и Весна Балазовска, кои немаат остварено апсолутно ништо посебно во кариерата за да заслужат ваква чест, а во него нема легенди како Стојна Вангеловска или Моника Гавриловска, кои се синоним за македонската женска кошарка. На многумина не им е јасно што меѓу членовите бара и Дивна Пешиќ, која 15-тина години не само што живее надвор од Македонија туку исто толку време нема никаква допирна точка со спортот. Таа одамна „плива“ во уметнички води, па нејзиното присуство е повеќе очекувано во Ликовна академија отколку во МОК, без разлика што е поранешен олимпиец.

Исто така нејасно е што меѓу членовите бара на пример поранешната ракометарка Наталија Малахова-Тодоровска, а ја нема, на пример, Индира Кастратовиќ, која е сигурно најголемиот синоним за македонскиот женски ракомет. Или зошто го нема еден од најдобрите ракометари на светот на сите времиња, Кирил Лазров. Истовремено, на никого не му е јасно што меѓу членовите на Собранието од кои, меѓу другото, зависи кој ќе седне во претседателската фотелја се и анонимуси како Стојан Поповски, Или Марку и Гордана Николовска, за кои никој не знае со што заслужиле да решаат за развојот на македонскиот олимпизам.

Или, пак, таму се ставени чисто како нечија гласачка машинерија кога за тоа ќе дојде време.