Америка и Канада се кренаа на нозе поради срамниот потег на хокеарка со сребрен медал (ВИДЕО)

Американските хокеарки го освоија златниот медал на Олимписките игри во Пјонгчанг, откако во финалето славеа со 3-2 против Канада, а една хокеарка од поразениот табор, Жозелин Ларок (29), покажа дека не знае да губи и не знае како се поднесува пораз.

Канадските хокеарки освоија четири олимписки злата по ред, но во Пјонгчанг ѝ беше ставен крај на таа феноменална серија. Нивните најголеми ривалки им го одзедоа најсјајното одличје и тоа по пеналите.

Имаше и такви кои потешко од другите го прифатија поразот. Па така, Жозелин Ларок, само што ѝ беше закачен сребрениот медал на врат, веднаш го тргна самата.

Потег каков често сме гледале во светот на спортот, особено по загубени финалиња во фудбалот, но овој момент наиде на голема осуда, како во САД така и во Канада.

Канаѓанката брзо стана предмет за потсмев на социјалните мрежи и многумина ѝ порачаа дека неспортски се однесувала, како мало дете и дека е лош губитник.

„Јас сум Канаѓанец, таа е срам за овој спорт, за нејзините колешки и својата земја. Мора да порасне“, беше еден од бројните коментари на социјалните мрежи.