Алкараз исто како и Ѓоковиќ го растури ривалот на стартот од ЛОИ во Париз!

Карлос Алкараз, се пласираше во второто коло на олимпискиот турнир во Париз, откако во денешниот воведен меч го совлада Либанецот Хади Хабиб со 6-3, 6-1.

Мечот траеше нешто повеќе од 70 минути, а епилогот беше очекуван со оглед што Шпанецот е трет тенисер во светот, додека Хабиб е дури на 275. позиција на АТП листата. Алкараз со еден брејк го освои првиот сет, додека во вториот беше далеку поубедлив и дури трипати му го одзеде сервисот на противникот.

Алкараз во второто коло ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Холанѓанецот Талон Грикспор и Британецот Камерон Нори, а со оваа убедлива победа, актуелниот шампион на Вимблдон ѝ се „закани“ на конкуренцијата, особено на Новак Ѓоковиќ, кој му е најголем ривал за златниот медал. Србинот претходно денеска го совлада Австралиецот Метју Ебден со 6-1, 6-1.