Ангеловски: Имавме многу технички грешки, Висла знаеше да го искористи тоа

Македонскиот првак Пелистер го претрпе четвртиот пораз во петтиот натпревар од Лигата на шампионите оваа сезона откако загуби на гостувањето кај Висла Плоцк со 18-26.

Тоа беше уште едно лошо издание на нашиот претставник во елитното натпреварување каде битолчани остануваат со само еден бод и повторно надвор од плејоф зоната. Тренерот Бранко Ангеловски како главна причина за поразот ги истакна големиот број технички грешки кои придонесоа Висла да слави убедлив триумф.

„Ѝ честитам на Висла која беше подобар тим денеска, тим кој точно знаеше што сака и доминираше во текот на сите 60 минути. Ние отворивме многу лошо, а и во второто полувреме имавме многу технички грешки кои противникот знаеше да ги искористи. Тоа придонесе Висла да направи висока разлика која не можевме да ја стигнеме во финишот“, рече Ангеловски.

И во следното коло Пелистер ќе има тешка задача бидејќи во Битола доаѓа еден од најсилните тимови во Европа - Веспрем.