Лапорта откри: Одбивме 250 милиони евра за Јамал

И пред Европското првенство во Германија, Ламин Јамал бил интересен за големите клубови, а еден од нив се обидел да го купи со тоа што би го направил најскап фудбалер на сите времиња.

Ова го откри претседателот на Барселона, Жоан Лапорта во интервју за каталонскиот весник Спорт. Јамал од лани е стандарден првотимец на Барса, но експлодира на Европското првенство каде беше прогласен за најдобар млад играч, а продолжи во новата сезона во која е еден од најдобрите во тимот.

„Дојдоа да го купат Ламин за 250 милиони евра пред шест месец и ги одбив. Која е вистинската вредност на Јамал? Па, тоа не се одразува во книговодствени вредности“, рече, меѓу другото, Лапорта.

Ако се согласел да го продаде, Јамал на само 17 години ќе беше најскап фудбалер во историјата бидејќи во моментов, рекордот го држи Нејмар со 222 милиона евра. Лапорта не го откри името на заинтересираниот клуб, но шпанските медиуми тврдат дека се работи за ПСЖ.