По Маџунков, Струмица се засили и со Украинец кој веќе играше во Македонија
Станува збор за 29-годишен играч на позицијата примач кој ѝ е добро познат на македонската одбојкарска јавност бидејќи во сезоната 2022/23 настапуваше за Борец од Велес. По заминувањето од Македонија играл во Либија, а во Струмица доаѓа од првенството на Египет каде ги бранел боите на Смуха.
„Денес му посакуваме добредојде на украинскиот интернационалец Роман Волков, кој ќе биде нашето ново засилување на примачката позиција за натпреварите во Лигата на шампионите“, порача Одбојкарскиот клуб Струмица.
Македонскиот првак го очекуваат квалификации за пласман во Лигата на шампионите, а за противник го има грчкиот тим Олимпијакос. Натпреварите се играат на 17 и 24 септември со тоа што Струмица е домаќин на првиот меч.