Одбојкарите во Струмица ја почнаа мисијата „Златен медал во Сребрената лига“!

Македонската одбојкарска репрезентација со денешниот собир во Струмица и официјално ги почнаа подготовките за претстојниот настап во „Европската сребрена лига“, каде што ќе се обидат да направат уште еден херојски подвиг – првпат да дојдат до златниот медал во ова натпреварување.

На првата прозивка на селекторот Никола Матијашевиќ се јавија повиканите 20 одбојкари, кои од утре почнуваат со тренинзи во струмичката сала „Парк“, каде што ќе се одигра првиот и завршниот турнир. „Црвено-жолтите“ се сигурни учесници на завршницата, поради може без преголем резултатски притисок да ги одиграат шесте натпревари во групната фаза и постепено да ја брусат потребната форма за борбата за медали.

„Ова ќе биде долг репрезентативен период и задовоство е што ќе го почнеме со учество во Европската сребрена лига во која се враќаме по три години. Сакаме да го освоиме првото место, а потоа ќе размислуваме за Европското првенство во септември. Амбициите се јасни и верувам дека се остварливи“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

Откако ЦЕВ ја формираше Европската лига пред седум години, нашата репрезентација учествуваше петпати по ред и освои три сребрени (2015, 2016 и 2017) и еден бронзен медал (2014). Во 2018 завршивме четврти, во 2019 не бевме дел од оваа конкуренција, а лани немаше натпревари поради пандемијата. Во периодот од 21-23 мај во струмичката сала „Парк“ ќе гостуваат одбојкарите на Израел, Кипар и на Данска, каде што ќе се одигра вториот турнир од 28-30 мај во Шлагелсе. Најдобрите четири екипи во натпреварувањето ќе се надмудруваат за медалите на завршниот турнир во Струмица на 5 и на 6 јуни.