Наковски Волеј ќе ја брани титулата во Купот против дебитантот Вардар ЕМ

Одбојкарките на Наковски Волеј денеска ќе се соочат против дебитантот Вардар ЕМ во финалето на Купот на ОФМ 2026 од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Наковски Волеј го игра третото финале во Купот и се надева на одбрана на титулата, но вардарки ќе се обидат да дојдат до историски успех во нивното прво финале во натпреварувањето.

Тренерот на Наковски Волеј, Хари Наковски кажа дека во женската одбојка се радува тимот кој игра подобра одбрана.

„Ждрепката сакаше најдобрите две екипи од првенствената табела да се соочат во полуфиналето и одигравме еден тежок и борбен натпревар со многу надигрувања, одбрани, блокови и добри напади и добар сервис. Му честитам на Младост УГД за одличниот полуфинален меч и на моите девојки за борбениот натпревар. Финалето со Вардар ЕМ нема да биде нималку лесно. Видовме дека во полуфиналето со Газели Волеј, тие одиграа на едно многу високо ниво, маестрално, борбено. Се надевам дека во финалето ќе понудиме уште еден добар меч, ќе дадеме се од себе, ќе се обидеме да го смириме Вардар и ќе се потрудиме девојките да дадат малку повеќе за да стигнеме до втората куп-титула во низа“, кажа Наковски.

Стратегот на Вардар ЕМ, Јован Шапе се надева на успех во пресметката со Наковски Волеј, а вети вистинско уживање за публиката.

„Девојките одиграа одличен полуфинален натпревар со Газели Волеј и можам само да им честитам! Понудија квалитетен натпревар, дисциплинирано во одбраната, паметно во нападот и со минимум грешки во сервисот. Направивме одлична анализа на противникот, го покажавме тоа на терен и на крај убедливо победивме. Наковски Волеј е фаворит во финалето. Го бранат пехарот, но и факт е дека имаат поискусна екипа, подолга клупа и се квалитетно покриени на сите позиции. Ние се надевам дека ќе ја повториме играта од полуфиналето. Нема да се предадеме, ќе се бориме за секоја топка, за секој сет, два, па зошто да не и за победа и трофеј!? Ќе дадеме сè од себе за да го направиме финалето интересно и да приредиме уште едно големо изненадување“, кажа Шапе.

Вардар ЕМ и Наковски Волеј ќе се соочат од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а пренос ќе врши „МРТ3“.

Фото: Одбојкарска федерација на Македонија