Миленкоски: Сите групи се тешки, но нашата е најтешка - нè чека сериозна работа!

Одбојкарската репрезентација на Македонија ја очекува тешка задача на Европското првенство (ЕП), а селекторот Јошко Миленкоски посочи дека ќе дадат сè од себе за повторно да ја израдуваат македонската нација.

Миленкоски смета дека Македонија се паднала во најтешката група на ЕП, меѓутоа ќе работат напорно за да остварат добар резултат.

„Сите групи се тешки, но нашата е убедливо најтешка. Сите репрезентации имаа одлични резултати на последното СП, додека Израел финишираше како трет во Златната Европска лига. Скоро сите противници завршија со смена на генерации и сега бркаат резултат. Многу сериозна работа ја чека нашата репрезентација. Првиот впечаток е дека ќе биде многу тешко да се повтори успехот од претходното Европско првенство, пласман во следната рунда, но од друга страна мора оптимистички да се гледа и да се верува во својот квалитет. Ова го велам затоа што имаме многу квалитетен состав, кој веќе по четврти пат во низа ќе учествува на една ваква манифестација. Верувам дека нашите играчи како и секогаш ќе ги потврдат своите вредности и ќе сторат сè, и по којзнае кој пат да ги израдуваат љубителите на спортот и одбојката во Македонија“, вели стратегот на националниот тим.

Македонија се наоѓа во група со Бугарија, Полска, Украина, Португалија и Израел.

ФОТО: vfmkd.org.mk