Лош ден за Македонија: Одбојкарите загубија од Црна Гора, а одбојкарките од Косово

Македонските одбојкарски репрезентации денеска одиграа пријателски натпревари, при што одбојкарките беа поразени од Косово со 1-3 во сетови, додека одбојкарите загубија од Црна Гора со 0-3.

Одбојкарките го добија првиот сет со 25-23, но потоа следеше голема борба и Косово го доби следниот со 26-24. Косово славеше и во следните два сета, и тоа со 25-16 и 26-24.

Селекторот Милош Гавриловиќ реши да им даде шанса на сите одбојкарки и често правеше ротација во составот.

Македонските одбојкарки утре од 15 часот во Скендерај, Косово ќе го одиграат вториот пријателски меч.

Машката селекција на Македонија одигра неизвесен меч исполнет со пресврт, меѓутоа ги загуби сите три сетови од Црна Гора во Подгорица, и тоа со 26-28, 20-25 и 29-31.

Селекторот Јошко Миленкоски им даде шанса на сите одбојкари, а утре се враќаат во Македонија по контролните дуели во Подгорица.

Фото: ОФМ/Вангел Тануровски