Хит сцена во Турција: Одбојкар со лаптоп му покажуваше на судијата дека погрешил (ВИДЕО)

Холандскиот одбојкар Нимир Абдел Азиз направи нешто несекојдневно на натпреварот од турската одбојкарска лига меѓу Галатасарај и Зираатбанк, откако не можеше да се помири со една судиска одлука.

Се играше третиот сет од натпреварот, во кој Зираатбанк имаше предност од 2-0, кога арбитарот досуди грешка во ротацијата. Станува збор за прекршок кој ретко се гледа на професионално ниво, но може да има големи последици за екипата.

Абдел Азиз сметаше дека судијата донел погрешна одлука, па реши лично да му покаже каде е грешката. Го зеде лаптопот што го користеа помошниците на клупата на Зираатбанк и му го однесе на арбитрот за да му покаже како биле поставени играчите на почетокот на поенот.

Неговиот потег не помина без казна, па холандскиот одбојкар заработи жолт картон, исто како и неколку членови на стручниот штаб.