„Ова е историски успех, ама ќе тренирам уште посилно да го победам Дакоста“!

Светскиот вицепрвак Емил Павлов, кој стигна до историско сребро на Светското првенство во карате во Дубаи, немаше денеска сила за последниот чекор кон највисокото место на пиедесталот, па актуелниот светски и олимписки првак Стивен Дакоста беше пресилен за македонскиот каратист.

Павлов после две европски титули, две бронзи од Европските првенства, неколкупати број еден во Премиерлигата, сега дојде и до светска бронза и тоа во категорија во која првпат настапува, а за златото пред себе го имаше најдобриот на светот во кумите до 67 килограми.

„Ова е историски успех! Поразот во финалето е убедлив и јас можам само да му честитам на победникот, кој моментно е подобар од мене. Стивен Дакоста е најдобар во оваа категорија, а јас првпат на ова Светско првенство настапив во повисока категорија до 67 килограми. Но, сега ми преостанува да продолжам напорно да тренирам и да вежбам, уште повеќе за во идната пресметка да го победам и да му се реванширам за овој пораз на СП“, рече Павлов за Штипски асови.

Павлов е само втор македонски каратист со медал од Светските првенства, откако пред една деценија сегашниот негов тренер Сашко Арсовски се закити со медал.