Мојсовска се повлекува од настап на Европското првенство во карате
Таа одлуката ја донела по внимателно размислување и врз основа на своето искуство од настапите на меѓународна сцена.
Како главна причина за ваквиот чекор, Мојсовска го посочува незадоволството од начинот на кој била водена репрезентацијата од актуелниот селектор, особено за време на последното Светско првенство и претходните натпревари организирани од Светската карате федерација.
„За секој спортист е клучно да има доверба и професионален однос со оние кои го водат тимот. Во овој момент, тие услови за мене не се исполнети. Мојата љубов кон каратето и кон татковината останува непроменета. Се надевам дека во иднина ќе се создадат услови во кои повторно ќе можам да ја претставувам Македонија на начин каков што заслужува. И покрај тоа што на последното Државно првенство повторно го освоив првото место во поединечна и екипна конкуренција, донесов лична одлука да не настапам на следното Европско првенство“, вели Мојсовска.
„Оваа одлука произлегува од моето лично искуство за време на последното Светско првенство, но и сите претходни натпревари организирани од Светската Карате Федерација , од начинот на кој беше водена селекцијата и раководен тимот од страна на селекторот. Сметам дека пристапот на водењето, како во поединечниот, така и во екипниот дел, не беше на нивото кое го заслужува еден репрезентативен тим, што во одредени моменти, според моја процена, директно влијаеше врз конечниот резултат и можеше да не чини и медал. Поради тоа женскиот тим, голем број поединци меѓу кои и јас не забележавме многу повисоки резултатски постигнувања. За секој спортист е клучно да има доверба и професионален однос со оние кои треба да го водат тимот, а во овој момент тие услови за мене не се исполнети“, завршува таа.