Еден од најпознатите наши боречки тренери заболе од Ковид-19

Коронавирусот не бира по звање, по изглед или, пак, по физичка сила, затоа и најсилните може да се заразат. За жал, во Македонија го бележиме првиот случај на заразен со коронавирус, односно заболен од Ковид-19 меѓу позвучните спортисти и тренери.

Станува збор за Проф. Љубиша Пешко, некогашен македонски и југословенски репрезентативец во борење, во поново време селектор на македонската репрезентација во грчко-римски стил, како и прв човек на БК Вардар.

На една од фејсбук-страниците која третира содржини од македонското борење, се појави фотографија од Пешко во болнички кревет, но со кренат палец нагоре, како порака дека ќе го „тушира“ и овој најсилен противник досега. 

Пешко беше редовен учесник на Европските и Светските првенства во категоријата до 74 килограми. Уште на свои 18 години, во 1986, станува сениорски репрезентативец на Македонија, под водство на Насе Насев. 

Во успешната боречка кариера ги бранеше боите на Спартак Руен и на европскиот и светскиот клубски првак Бучим Јака. По завршените студии на Факултет за физичка култура во Скопје почна да работи како професионален тренер, прво во Спартак од Кочани, од 1996 до 1999, а потоа од 1999 до 2003 во БК Вардар. Во 2004 замина на постојан престој и работа во Стокхолм, каде што активно работеше во два боречки клуба.

Во 2013 гододина го регенерира БК Вардар како шеф на стручниот штаб и главен спонзор на клубот, а како селектор на македонската репрезентација настапи и на неколку глобални спортски настани. 

Му посакуваме нова победа, овој пат против болеста која го зафати цел свет, за може и понатаму да биде еден од главните афирматори на македонското борење.