Џошуа му се закани на јутјуберот Пол: Ќе го уништам, ова не е игра - ова е мој свет!

Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, ќе се бори со јутјуберот Џејк Пол во професионален меч кој ќе се одржи на 19. декември, тие синоќа имаа соочување.

За разлика од претходните мечеви на Џејк Пол кој беа шоуа, ова ќе биде професионален меч, прв таков на кој тој ќе настапи.

Се очекува сериозен меч од Ентони Џошуа, кој така зборуваше и на вчерашното соочување, па многумина со нетрпение чекаат дали Џејк Пол конечно ќе има вистинска борба, а не наместена победа.

„Ќе му го уништам лицето. Ќе го згазам. Ова не е игра, ова е вистински живот и ќе му ја покажам разликата меѓу јутјуб боксер и вистински шампион во тешка категорија“, рече Џошуа.

„Го почитувам тоа што го направи за спортот, привлече нова публика, но сега влезе во мојот свет. А во мојот свет има последици. Ќе ја почувствува секоја од нив“.

Од друга страна пак Џејк Пол беше многу повоздржан отколку претходно, но не пропушти да ја покаже самодовербата.

„Знам дека сум аутсајдер. Знам дека луѓето ме отпишуваат. Но цел живот докажувам дека не се во право. Ова е само уште едно поглавје во мојата приказна. Ќе го шокирам светот“, рече Пол.

Тој потсети и на неговиот меч со Мајк Тајсон како доказ дека може да се носи со искусни борци.

Но, мечот со Тајсон беше егзибиција која беше видно наместена. Легендата на овој спорт можеше да го нокаутира јутјуберот повеќепати, но избегнуваше да го удри. Дали мечот со Џошуа ќе биде вистинска борба, останува да се види, а преносот ќе биде само на Нетфликс.

Според бокс познавачите, се освен брза победа на Џошуа со нокаут, ќе значи уште еден меч на Џејк Пол со наместен исход, а бидејќи ова е професионална борба, во еден таков случај би се нарушила репутацијата на боксот како спорт.