Преку 10.000 учесници имаше на денешниот Скопски маратон со награден фонд од 17.600, на кој најголем дел од натпреварувачите се појавија на патеката со желба да уживаат во убавото време и да покажат дека физичката активност е клучна за доброто здравје.

Еванс Кипкемои Бивот од Кенија победи на маратонската трка, а најдобар Македонец беше Александар Кираџиев додека на полумаратонот славеше Дарио Ивановски. Меѓу учесниците имаше и еден куп дечиња, кои заедно со родителите се обидуваа да истрчаат колку што можат повеќе. Голем број од нив, пак, патеката ја минаа со ролерки и со велосипеди, собирајќи ги симпатиите на „конкуренцијата“, но и на сите оние кои се наоѓаа на тротоарот во улога на навивачи.

А, на крајот, сите задоволни си заминаа дома под мотото – најважно е да се учествува.