Македонија седма на Европскиот шампионат во атлетика

Македонската атлетска репрезентација го освои седмото место на Европскиот тимски шампионат од третата група, чии организатор беше нашата земја.

На вториот ден од натпреварувањето на Националната Арена „Тодор Проески “, најдобриот македонски атлетичар Јован Стојоски постави нов рекорд на Македонија на 200 метри. Тој делницата ја помина за време од 21.35 стотинки, што е за пет стоти делови од секундата подобро од досегашниот рекорд кој беше во негова сопственост. Со ова време, Стојоски го освои првото место на 200 метри, со што на Македонија и донесе максимални 13 поени од оваа дисциплина.

Од останатите наши натпреварувачи, Дарио Ивановски го освои третото место на 3000 метри (8:20.28), со што на Македонија и донесе 11 бода во вкупниот пласман.  За издвојување е и резултатот на Дрита Ислами која на 200 метри оствари време 25.65 стотинки, што беше доволно за четврто место во оваа дисциплина.

Македонија на тимскиот шампионат го освои седмото место од вкупно тринаесет репрезентации. Како првопласирана заврши атлетската репрезентација на Исланд која следната година ќе се натпреварува во повисок ранг.