Скопските улици денеска беа место на кое се најдоа преку 10.000 тркачи, секој со своја приказна, меѓу кои пленеа оние кои и покрај својот физички хендикеп, сепак, дадоа сѐ од себе прво да се појават на патеката, а потоа и да го исполнат зацртаното, без разлика дали било тоа делница на пет, 21 или 42 километри.

Херои има многу, а еден од нив дефинитивно е и Хрватот Јозо Хеќимовиќ 58-годишен атлетичар, кој маратонската делница ја истрча со помош на – патерици. Тој патеката на скопскиот маратон ја истрча на четири часа и 51 минута, време достојно за почит знаејќи дека буквално трча на раце. Станува збор за ветеран од граѓанската војна на просторите на поранешна СФРЈ, кој бил тешко ранет и кој пре неколку години морал оперативно да добие нов колк.

Но, и покрај сиот хендикеп, трчањето е негова најголема љубов, поради што за првпат се појави на улиците на Скопје и без проблеми минувајќи ги километрите кои за огромен број здрави луѓе се само мислена именка.

„Патериците ми се од голема помош. Мислам дека без нив не би можел да истрчам ниту сто метри. Мене по завршувањето на трката ме болат рацете, а не нозете како сите други. Секогаш завршува околу пет часа по стартот на трката, тоа е моето предвидено време и не отстапувам од него без разлика на проблемите и болките со кои се соочувам“, вели Хеќимовиќ.

Негова желба е да го заокружи маратонскиот грен-слем односно да настапи на трките во Њујорк, Бостон, Чикаго, Токио, Лондон и Берлин иако е свесен дека тоа е нешто неостварливо за него. Амбициите во моментов му се да проба да се избори за место во маратонскиот тим на Хрватска за Параолимписките игри во Токио во 2020 година.