Шпанија ја суреди Германија, лесна победа на светскиот првак со Катар

Шпанија ја суреди Германија за втора победа и пет бода во групата во втората фаза триумфирајќи со 32-28 за да останат втори со бод помалку од лидерот Унгарија, додека светскиот првак Данска немаше мака за трет триумф и максимални шест бода со Катар победувајќи со 32-23 во вториот вечерашен меч.

Шпанците можеа и многу полесно да го решат мечот, откако после десет минути од мечот го преземаа водството за да стигнат до највисоки плус четири во првиот дел (16-12), но многу брзо ја прокоцкаа предноста, па Германците успеаа да го свртат мечот во своја корист и да стигнат до плус три пред завршните десетина минути (24-21, 25-22), но после тоа застанаа.

„Фуријата“ беше фуриозна со серија од 6-0 и тие минус три ги претвори во свои плус три (28-25) со што исчекори до победата, па во самиот финиш стигнаа до недостижни плус пет (31-26) и на крај рутински да го завршат мечот.

Фернандез со шест гола, Алекс Душебаев и Соле со по пет беа најдобри поединци кај Шпанците, додека Кастенинг со седум и Хафнер со шест беа први стрелци во Германија.

Данска немаше преголем проблем со Катар и уште на полувреме беше јасно дека светскиот првак ќе победи со предноста од пет гола (17-12), а само рутински во вториот дел уште повеќе ја зголемуваа разликата која на средина од вториот дел стигна и до плус десет (25-15), по што следеше опуштање, но само колку Катар да ја преполови истата, но на крај не и да се спаси од тежок пораз.

Мика Хансен даде осум гола, Гидсел погоди шест, а Халд даде пет за Данците, додека карол Марцо погоди повеќе од половината за Катар – дури 12.