Португалија ја посрамоти Унгарија, Полска се измачи со С. Арабија за пласман во главна фаза

Португалија ја посрамоти Унгарија во секој ракометен елемент, па на крилата на голманот Мигел Фереира кој собра 15 интервенции, славеше со 27-20 во дербито на вечерта кое го судеше најдобрата македонска судиска двојка Ѓорѓи Начевски-Славе Николов.

Македонските судии по 48 секунди го исклучија Сипош, но Унгарците не знаеа каде се од стартот на мечот, па дадоа само два гола за половина од првото полувреме и Португалците искористија сѐ за да исчекорат кон победата зашто набрзина дојдоа до плус шест (8-2), па дојдоа и до преубедливи плус осум (10-2, 12-4) за да достигнат и најубедливи плус девет (13-4), играјќи го најдоброто полувреме во својата историја со само девет примени гола во првиот дел (16-9).

Во вториот повторно истата слика, Унгарците грешеа, Фереира ги полуде со одбрани за да ја држи разликата и повторно да дојдат Португалците на плус девет неколкупати (26-17 последен пат), за на крај само рутински да го приведат мечот кон крајот.

Коста со шест и Фернандеш со пет беа најефикасни кај победниците, а Бодо даде најмногу пет кај Унгарците.

Португалија, Исланд и Унгарија од оваа група одат во следната главна фаза и пренесуваат по два бода, каде ги чекаат европскиот првак Шведска со максимални четири откако без проблеми го прегазија Уругвај вечерва со 47-12, а Бразил пренесува два бода, додека Зеленортските острови ја комплетираат шесторката без бод.

Саудиска Арабија го изнамачи ко-домаќинот Полска, кој славеше само со два разлика во пресметката (27-24) за прва победа и пласман во следната фаза покрај Франција и Словенија кои од претходно го визираа пласманот. „Триколорите“ во новата група влегуваат со максимални четири бода, Словенија со два, а Полска без бодови.

Таму, пак, ги чекаат максималните Шпанци, откако со 35-22 славеа убедливо против Иран и „фуријата“ има четири бода, Црна Гора пренесува два, а Иран кој испиша историја со пласман во главната фаза ќе биде без бодови.