Пешевски фуриозно ја отвори сезоната, но Штутгарт поразен од Магдебург

Македонските ракометни репрезентативци, кои вечерва играа во првото коло од Бундеслигата претрпеа порази со своите клубови, но и покрај тоа се издвои Жарко Пешевски со својот настап за Штутгарт.

Не се ни очекуваше дека Штутгарт ќе направи чудо на гостувањето кај Магдебург, па конкурентното прво полувреме и поразот од 29-33 беше солиден отпор. Она што треба да ја радува македонската јавност е настапот на македонскиот пивот, Жарко Пешевски, кој беше втор стрелец во својата екипа со шест гола од шест обиди. само еден повеќе од него имаше десниот бек Лен. Најефикасен беше Исланѓанецот Магнусон од Магдебург.

Голови постигна и Филип Кузмановски, во поразот на Хановер од Рајн-Некар со 24-28. Среддниот бек на Македонија погоди трипати од четири обиди, а најпрецизни беа неговиот соиграч Хансен, како и Кнор и Колбахер од Рајн-Некар со по шест гола. Не влезе во записникот Филип Миркуловски во поразот на Вецлар од Фуксе во Берлин, со 24-29.