Мириса на пропаст: Уште еден спонзор си замина од Кјелце!

Најголемиот полски ракометен клуб, од ПГЕ Виве Кјелце, за два месеца стана само Кјелце. По првиот од двата „насловни спонзори“, сега откажа љубов и вториот.

Компанијата ПГЕ вчера попладне соопштила дека од 1 август ја завршува соработката со Кјелце, а клубот потоа потврди. Ова е огромен удар за европскиот шампион од 2016 година, особено што од 1 јули останаа без спонзорот Виве. Претседателот Бертус Сервас тогаш успеа да тропне на некои врати и да обезбеди мирна сезона, како што информираа од Полска, но прашање е сега како ќе се поднесе заминувањето на ПГЕ.

Некои полски медиуми велат дека ова заминување на ПГЕ е привремено, а самиот клуб, во своето соопштение потенцира дека „ова нема да ја стави во опасност сезоната на Кјелце и неговото натпреварување“.

Сепак, веќе не е новост послкиот гигант да се бори за финансии, бидејќи и минатото лето, пред почетокот на сезоната имаше шпекулации за банкрот, уште кога ПГЕ и Виве беа со клубот. Коронавирусот, сепак, си го направи своето, а раководството на Кјелце почна да продава ВИП-билети и да собира придонеси од јавноста и публиката за да помогне во егзистенцијата.

Гласно се шпекулираше дека Кјелце за да се спаси треба да почне да штеди онаму каде што троши најмногу, на ракометарите кои се едни од најскапите во Европа, почнувајќи од голманот Андреас Волф, преку Алекс Душебаев до Игор Карачиќ. Затоа и во јули се појавија гласини дека Карачиќ може да се врати во Вардар, но откако клубот објави дека финансиите нема да бидат во прашање оваа сезона, тие приказни замреа, а лично демантираше и газдата на Вардар, Михајло Михајловски.