Гидсел е МВП на СП 2023, само еден Данец во ол-стар тимот! (ФОТО)

Данска остана светски првак во ракомет и во наредните две години, но се смени името на новиот МВП-играч. Микел Хансен од пред две години, сега е заменет со Матијас Гидсел.

Десниот бек на Данска е избран за најкорисен ракометар на Мундијалот, титула поткрепена не само од одличниот впечаток кој го остави 23-годишниот играч на Фуксе Берлин, туку и од статистиката. Гидсел е истовремено и најдобар стрелец на шампионатов, со 60 гола од девет меча.

Можеби затоа, задолжените за избор на индивидуалните признанија од првенството го изоставија во ол-стар тимот. Интересно, таквиот потег остави само еден член на Данска меѓу ѕвездените седум и тоа 22-годишниот Симон Питлик, на левата бековска позиција. По двајца преттсавници имаат Франција и Шпанија. Анхел Фернандес е најдобро лево крило, а Алекс Душебаев е најдобар десен бек, иако во тимот е и Недим Ремили, кој по вокација е десен бек, но овде е избран на средната бековска позиција.

Вториот Французин во ол-стар тимот е пивотот Лидовиг Фабрегас, единствениот кој беше дел од ѕвездениот тим и на минатото Светско првенство. Никлас Екберг од Шведска е најдобро десно крило, а чуварот на мрежата на Германија, Андреас Волф е најдобар голман. Втор Германец со поединечно признание е 22-годишниопт Јури Кнор, кој наместо да биде признат како најуспешен среден бек, доби награда за најдобар млад ракометар.