Томовски ја заврши епизодата во Потсдам, следната сезона ќе брани за нов клуб!

Македонскиот репрезентативен голман, Мартин Томовски, по завршувањето на сезоната ќе го напушти германскиот клуб Потсдам, иако во последниот период брани во одлична форма.

Клубот денеска и официјално соопшти дека тој е меѓу петмината ракометари кои нема да бидат дел од екипата во следната сезона. Покрај македонскиот ракометар, си заминуваат и Сергеј Горпишин, Оле Шрам, Емил Хансон и Марк Ферјан.

„Со Томовски беше јасно – го ангажиравме за да игра во Бундеслигата, но веројатно ќе испаднеме. Сепак, неговите последни настапи покажаа дека поседува квалитет“, изјави спортскиот директор Боб Ханинг.

Потсдам се наоѓа во тешка ситуација и е пред испаѓање од најсилната германска лига, поради што се прават кадровски промени. За Томовски, ова значи нов предизвик и неизвесност околу следната дестинација – дали ќе се врати во македонската лига или ќе бара нов интернационален ангажман.

Томовски (27 години) професионалната кариера ја почна во Металург, по што настапуваше за Лудвигсхафен во Бундеслигата. По кам-бек во Македонија во дресот на Вардар, доби нова шанса во Германија како дел од Потсдам.

ФОТО: EPA PHOTO