Стојковиќ: Чудно е ова – освоивме голем бод, а тажни сме!

Македонската репрезентација со голем бод го почна настапот на Светското првенство (СП) во Вараждин, откако синоќа ремизира со фаворизираната Унгарија (27-27), но генерално чувство кај сите наши ракометари по средбата беше – тагата.

Причина за тоа беше пропуштената шанса за голем триумф, со оглед на одличната игра и водството на половина минута до крајот со топка во нашите раце.

„Чудно е ова. Некој пред средбата да ни понудеше бод од мечот со Унгарија можеби ќе прифатевме со две раце, а сега откако го сторивме тоа ние сме тажни. Имавме голема шанса за триумф, но за жал не ја искористивме. Но, како и да е ова е одличен резултат. Ние веќе почнавме да размислуваме за Холандија, против која треба да одиграме уште подобро и повторно да ја израдуваме цела Македонија“, изјави кружниот напаѓач на Алкалоид, Марко Стојковиќ.

По денешниот одмор, следната пресметка е закажана за утре против Холандија (18 часот), додека последниот натпревар од првата фаза го играме в недела против Гвинеја.