Словенија го победи Исланд, Црногорките го демолираа Камерун

Словенија со победа од 30-24 над Исланд го почна Светското првенство во ракомет за жени, Црна Гора со 25-11 беше подобра од Камерун.

Словенките ја оправдаа фаворитската улога против Исланд и дојдоа до рутинска победа. 

Во текот на второто полувреме Исланд дојде на -1, беше 20-19 за Словенија која тогаш како да се разбуди, заигра многу посериозно и на крајот дојде до триумф од 30-24.

Лјепоја со осум голови беше најефикасна, поранешните вардарки, Мавсар и Лазовиќ постигнаа пет односно три голови.

Црна Гора очекувано го прегази Камерун кој немаше дадено ниту еден гол до 25. минута. Сепак африканската селекција во првиот дел постигна два погодоци, а во второто полувреме кога Црногорките ја тргнаа ногата од гаста, Камерунките дадоа девет гола. Конечниот резултат беше 25-11.

Најефикасна кај Црна Гора беше Павичевиќ со пет голови, Итана Грбиќ постигна три.

Во другите два меча од 18 часот, Германија извојуваше тешка победа над Јапонија од 31-30, а Холандија лесно ја совлада Аргентина со 41-26.