Карачиќ ја упропасти Шпанија, но не успеа да ја одведе Хрватска на врвот!

Ракометарите на Хрватска и Шпанија ремизираа со 22-22 на последниот натпревар од главната фаза на Европското првенство.

Со ова реми, Шпанија остана на првото место во гурпата и ќе го чека второпласираниот од втората група со кој ќе ги одмери силите во полуфиналето. За разлика од нив „коцкестите“ ќе играат со на хартија потешкиот противник кој ќе биде познат по натпреварот за првото место од втората група - Норвешка или Словенија.

По израмнетото прво полувреме (12-11 за Шпанија), во кое ниту една од двете селекции немаше поголема предност од два разлика, „Фуријата“ стартуваше фуриозно во вториот дел и со серија од 0-3 поведе со 15-11. Потоа дојде и до највисоки шест позитива (20-14), но Хрватите не се предадоа и на три минути до крајот на натпреварот израмнија на 21-21. До крајот и двете селекции дадоа по уште еден гол за конечни 22-22.

Инаку, најефикасен на овој натпревар беше поранешниот вардарец, Игор Карачиќ со 10 гола од 12 удари, додека на спротивната страна повторно се истакна поранешен ракоемтар на „црвено - црните“, Алекс Душебаев, кој придонесе со шест погодоци.