Сите велат дека Холандија е голем фаворит, а тоа значи дека е време за – ново чудо!

Букмејкерите пред денешната пресметка на Македонија против Холандија (18 часот), втора на СП во Вараждин, велат дека нашиот противник е голем фаворит и дека би било големо изненадување ако успееме да освоиме дури и бод, што за нација со карактер како нашиот значи дополнителен мотив за – ново чудо.

Обложувачниците дадоа мал коефициент за победа на „лалињата“ (1.35), кој постојано е во опаѓање што значи дека поголемиот број обложувачи вложуваат пари на нив. За победа на жолто-црвените коефициентот е 4.35, што значи дека тие што ги поставуваат квотите не очекуваат изненадување од тимот предводен од легендарниот Кирил Лазаров. Ова секако нема да ги демотивира неговите избраници, кои беа во уште полоша стартна позиција пред завчерашниот дуел против Унгарија (27-27). Тогаш коефициентот за победа на противникот беше минимални 1.15, а за наша победа беше дури 8.50, па на крајот големиот фаворит се тресеше и дури пред крајот користејќи ги нашите грешки едвај дојде до бод.

Македонија и Холандија досега имаат одиграно еден меѓусебен натпревар и тоа на претходното СП во Краков пред две години, кога нашиот вечерашен противник убедливо нѐ совлада со 34-24. И ова, секако, ќе биде екстра мотив за македонските херои да прикажат уште една фантастична партија пред многубројната Фаланга на трибините во Вараждин и одново да им покажат на букмејкерите дека грешно ги процениле нивните шанси за бод(ови).