Македонија една деценија нема победа против европска селекција на СП!

Промената на генерациите донесе промена и на резултатите на македонската ракометна репрезентација на големите натпреварувања.

За разлика од периодот пред 10-15 години кога беше конкурентен и со најголемите фаворити за титулата, во поблиското минато нашиот национален тим на светските првенства имаше многу проблеми против селекциите од европскиот континент кои традиционално се борат за одличјата. Почнувајќи од 2015 година и Мундијалот во Катар, кога Македонија го оствари најдобриот пласман во својата историја (9. место), нашата репрезентација е во долга серија натпревари без победа кога станува збор за ривалите од Европа.

Заедно со актуелното Светско првенство, македонската селекција се наоѓа во серија од 17 натпревари на кои не успеала да совлада противник од нашиот континент. На овие 17 меча, нашата репрезентација има 15 порази и два нерешени резултати од кои еден против Унгарија во средата и еден со Исланд во 2017 година. Во овој период, најчесто совладувавме противници од Азија, Африка и Јужна Америка, па така Чиле го победивме два пати, а по еднаш Алжир, Бахреин, Јапонија, Тунис, Ангола, Мароко, Јужна Кореја и вчера Гвинеја. Од последната победа против европска селекција, остварена во 2015 година, Македонија одиграла вкупно 30 натпревари на светските првенства и има 10 победи и 2 нерешени резултати.

Интересно е тоа што тој последен триумф над европски ривал, Македонија го забележа против Австрија на 23 јануари 2015 година. Токму Австрија ни е прв противник во главната фаза од Мундијалот кој е во тек, а мечот се игра утре од 15:30 часот. Тоа ќе биде добра шанса да се прекине лошата серија бидејќи потоа ни останува само уште дуелот против Франција.