Ракометарките се бореа храбро, но останаа без четвртфинале на СП

Македонија се бореше храбро против Исланд, но големиот број на грешки и неискористени шанси скапо ги чинеа ракометарките кои загубија со 22-25 и така останаа без четвртфинале на Светското првенство (СП) за кадетки.

Исланѓанките имаа водство од 3-1 на почетокот, по што Македонија се приближи на еден гол негатива (3-4), меѓутоа Исланд не попушти во продолжение од средбата и на 10 минути до крајот на првиот дел имаше водство од три гола, кое го задржаа до паузата (13-10).

„Црвено-жолтите“ имаа кошмарен старт на второто полувреме, откако Исланд поведе со пет гола (16-11), а нашите ракометарки имаа добри моменти и до 44. минута стигнаа на 19-20.

Лошите напади на Македонија му дозволија на Исланд повторно да стигне до плус четири (23-19), по што „црвено-жолтите“ имаа шанси за да стигнат до израмнување, но не ги искористија шансите и на крајот Исланѓанките славеа со 25-22.

Исланд го освои првото место во групата 1 и обезбеди четвртфинале, како и Шведска, додека Македонија ќе разигрува за пласман од 9 до 12 позиција.

Бојана Коцева беше најдобра во македонскиот состав со шест погодоци, додека по шест гола на спротивната страна постигнаа Јохансдотир и Торкелсдотир.