Ракометарките ќе добијат премија од 1,5 милиони денари ако се пласираат на СП

Македонските ракометарки добија дополнителна мотивација во борбата за пласман на Светското првенство (СП), откако Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) одреди премија.

РФМ ќе додели премија од 1,5 милиони денари доколку ракометарките ја совладаат Полска и се пласираат на Мундијалот.

„Ве известуваме дека Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија, согласно Член 35, 59 и 60 од Статутот поради итност на донесување на одлука согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.) на ден 07.04.2025 година донесе одлука за доделување на парична награда.

Управниот Одбор на РФМ одреди парична награда за македонската сениорска женска ракометна репрезентација за успешен пласман на претстојното светско првество преку квалификациски бараж натпревари против репрезентацијата на Полска во рамки на Women’s World Championship 2025 - Qualification Europe Phase 2 во висина од 1.500.000,00 денари нето износ“, објави РФМ.

Првиот меч меѓу Македонија и Полска се игра на 9 април од 20.30 часот, додека реваншот е во Битола на 12 април од 19 часот.