Ракометарките ѝ гостуваат на Полска во обид за прекин на 18-годишниот мундијалски пост!

Македонската женска ракометна репрезентација вечерва во Кошалин ќе ѝ гостува на Полска (20.30 часот) во првиот бараж-дуел за пласман на годинешното Светско првенство (СП), кое ќе се одржи во Германија и Холандија.

Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски ќе се обидат да изборат поволен резултат на гостински терен, кој би им дал предност пред решавачкиот натпревар на домашен терен, закажан за в сабота (12 април) во Битола. Полска важи за сериозен противник, особено поради фактот што на последното Европско првенство го освои деветтото место.

Македонија, пак, се надева на прв настап на еден Мундијал по пауза од 18 години. Последното учество на Светско првенство беше во 2007 година во Франција, кога завршивме на 12. место. Оттогаш, националниот тим не успеа да мине ниту еден бараж, со елиминации од Австрија, Шпанија, Шведска, Словенија, Романија и Украина. Традицијата не оди во прилог на македонската селекција — на последните пет баражи немаме ниту една победа. Последната победа во бараж беше во 2011 година против Шпанија, но недоволна за пласман поради поразот на првиот натпревар.

Историјата на дуелите со Полска, исто така, не е охрабрувачка. Досега сме се сретнале двапати на големи турнири и во двата наврати победила Полска — на Светското првенство 2007 со 33-31 и на Европското првенство 2006 со 35-33. Македонските ракометарки вечерва ќе се обидат да ја променат оваа традиција и да се доближат до ново учество на светска сцена.