Прв пораз за младинците на ЕП: Се држевме едно полувреме, но Франција сепак беше подобра

Maкедонската младинска репрезентација денеска го претрпе првиот пораз на Европското првенство кое се одржува во Словенија

Подобра од избраниците на селекторот Раде Стојановиќ денеска беше Франција со резултат 18:25. Maкедонија и покрај овој пораз ќе игра за пласман од 9. до 12. позиција.

Французите први стигнаа до водство на натпреварот, но потоа следуваше наша серија од 4:0 со која поведовме со 4:2. Предноста од два гола ја одржувавме до 6:4, имавме и неколку прилики да одиме на плус три, но не ги искористивме одбраните на Брестовац.

Франција знаеше тоа да го казни и дојде до изедначување на 6:6. До паузата беа подобри на теренот, па така Македонија имаше два негатива по првите 30 минути (10:12).

Во вториот дел не успеавме да го следиме темпото кое го наметна Франција, па така набрзо се „одлепија“ и на 19:13, а ние не успеавме да се вратиме во натпреварот.

Кај нас со по три гола беа најефикасни Белистојановски, Стојановски, Калајџиески и Митев. Голманот Брестовац собра шест одбрани.