Носителите ќе дојдат подоцна: Брестовац со комбиниран состав на Трофеј Карпати (ФОТО)

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, денеска го објави списокот со ракометари на кои ќе смета за настапот на турнирот „Трофеј Карпати“ во Букурешт, како и за пријателскиот двомеч против Кувајт, кој ќе го одиграме во Србија.

На списокот на предводникот на националниот тим се најдоа 19 ракометари, меѓу кои најмногу ги има тие што играат во домашното првенство, засилени со по некој интернационалец, кој порано ќе заврши со клупските обврски. Носителите на играта ќе ја прескокнат оваа акција и ќе ѝ се приклучат на селекцијата дури по нејзиното враќање, по што ќе почне финалната фаза од подготовките за Европското првенство (ЕП) во Австрија, Норвешка и Шведска.

Дуелите против Кувајт ќе ги одиграме на 25 и 26 декември во Стара Пазова, додека во романската престолнина прво ќе се сретнеме со Холандија (28 декември), а еден ден подоцна со подобриот или со поразениот од втората полуфинална пресметка помеѓу Романија и Алжир.