Можевме против Холанѓаните, не можевме против судиите! (ФОТО)

Македонската репрезентација го претрпе првиот пораз во вториот меч на СП во Вараждин, откако вечерва загуби во пресметката со Холандија (32-37), во меч во кој главни актери не беа ракометарите на двете селекции, туку судиите, кои како да имаа нешто против нашата селекција.

Како поинаку да се објасни фактот што за противникот беа досудени неверојатни 12 пенали, а нашите ракометари добија два црвени картони. Сето ова предизвика револт кај неколку илјадната Фаланга, која беше бесна на начинот на кој данската судиска двојка ја делеше (не)правдата. Далеку од тоа дека на „лалињата“ им требаше ваква помош, но нормално тие немаа ништо против, па со брза игра максимално ја искористија наклоноста на „луѓето во црно“

Нашите ракометари одлично парираа се до 25. минута од првото полувреме, до кога често бевме во водство, но тогаш како да ги стигна заморот од ептен брзата игра на противникот, кој го искористи тоа и со пет гола по ред дојде до највисоката дотогаш предност од 17-13. „Лалињата“ на стартот од вториот период во неколку наврати имаа и плус пет се до водството 23-18, кога момците во жолто-црвено како да се подразбудија, на со три гола по ред намалија на само минус два (21-23). Потоа се играше речиси гол за гол со иницијатива на Холанѓаните, чија предност не падна под два гола и кои ги одбија сите нашите очајнички обиди да се дојде барем до реми.

На нашиот состав му недостасуваше малку поголема креативност, во нападот а удар на тактиката на селекторот Кирил Лазаров беше црвениот картон на Петар Атанасијевиќ уште кон средината на првото полувреме, а тој беше одреден за фластер на најдобриот Холанѓанец, Стеинс. Исклучен беше и Милан Лазаревски во финишот, што исто како и во првиот случај, многумина сметаа дека одлуката е престрога.

Со девет гола Кузмановски беше најефикасен во нашите редови, а го следеше Серафимов со шест, четири беа дело на Марко Митев.