Можеше потешко, но и многу полесно: Македонија - Украина во баражот за СП 2023!

Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе игра двомеч со Украина за да се пласира на Светското првенство во 2023 година, реши денешната ждрепка во Љубљана.

Македонија беше влечена од садот со фаворити, така што можеше да помине полесно и да добие селекција како Косово, Грција, Италија, кои немаат традиција во женскиот ракомет, но истовремено можеше да добие и ривал кој е објективно поквалитетен од Украина во моментов, затоа ждрепката е некаде на средина.

Украина е земја, која пред околу две децении не само што учествуваше на големите првенства, туку освојуваше и медали. Во 2000 година стана европски вицепрвак, во Атина 2004 освои олимписка бронза, а една година претходно стигна до полуфиналето на СП во Хрватска.

Сепак, Украинките немаат настап на големите собири од 2014 наваму и се соочуваат со еден пад во женскиот ракомет сличен на оној што ја снајде Македонија по 2012 година, затоа шансите за наша победа не се безначајни. Првиот натпревар од баражот ќе се игра во Македонија на 3 или 4 април, а реваншот на 10/11 истиот месец на гостински терен. Македонија има пет учества на СП во женски ракомет, последното во 2007 година.

 

БАРАЖ ЗА СП 2023

Турција - Србија

Романија - Португалија

Исланд - Унгарија

Полска - Косово

Италија - Словенија

Германија - Грција

Швајцарија - Чешка

Австрија - Шпанија

Македонија - Украина

Словачка - Хрватска