Младите ракометарки имаа победа в рака, но на крај се спасуваа од пораз

Македонските ракометарки до 19 години одиграа 24-24 против Фарски Острови, во второто коло од ЕХФ-шампионатот, кој се одржува во Скопје.

Имаа водство цел натпревар и, колку и да беа блиски силите на теренот, не се доведоа во опасност, се до завршните десет минути. Ризоска погоди за Македонија да поведе со 23-20 во 53. минута и ништо не навестуваше дека ќе следува пад и дека во следните шест минути нашите репрезентативки нема ниеднаш да го најдат патот до противничката мрежа.

Девојките од Фарски Острови го искористија тоа бунило кај мамедонската селекција и направија серија од 4-0, па поведоа со 24-23, што беше нивно прво водство на мечот. Македонија изедначи имаше и напад за да се врати во предност, но нова техничка грешка им остави десетина секунди на островјанките последни да напаѓаат, иако безуспешно.

Претходно, Македонија достигна највисоки плус четири во првиот дел (8-4), имаше 14-13 на паузата, а во неколку наврати водеше со плус три и во второто полувреме. Ангела Јанкуловска со осум гола беше најпрецизна, Ивана Џатевска постигна пет.

По стартниот триумф на Босна и Херцеговина, Македонија испушти да слави против ривалот кој ќе биде главен конкурент за второто место, што ќе значи пласман во полуфиналето, со оглед на тоа дека Холандија е фаворит за првата позиција. Во следното, трето коло, в среда во 20.30 играме токму против Холандија, а ќе ни остане мечот со Косово, в четврток. Дури и да оствариме исти епилози со Фарски Острови до крајот на групава Б, Македонија засега заостанува, бидејќи островјанките имаат поубедлива гол-разлика.