Македонските ракометарки на крилјата на битолската публика ќе бркаат пласман на СП

Македонската женска ракометна репрезентација денеска од 19 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе ја пречека Полска во реванш бараж мечот за пласман на Светското првенство кое наредната година ќе се одржи во Холандија и Германија.

Мисијата на македонските ракометарки е тешка, треба да надополниме четири голови негатива откако првиот меч го загубивме со 22-18.

Она што дава надеж дека можеме да го направиме тоа е играта во финишот од натпреварот во Полска кога направивме серија од 7-1.

Послка е голем фаворит за победа и на мечот во Битола, но избраничките на Кристијан Грчевски со поддршка од полната битолска сала ќе се обиде да направи изненадување и да ја оствари целта.

Македонската женска репрезентација долго не била дел од еден Мундијал, последен пат на Светско првенство сме биле во 2007 година во Франција.

Ова е солиден период за женскиот ракомет со оглед на тоа што настапивме на две европски првенства по ред, а големи се шансите и да бидеме на континенталниот собир во 2026, па во оваа низа на настапи на големите натпреварувања добро ќе ни дојде и пласман на Светско првенство.