Македонија ја декласира младата селекција на Турција со 18 разлика
Избраничките на Симе Симовски лесно и убедливо славеа против младинската селекција на Турција, со 37-19, држејќи ги силно конците во свои раце уште од почетокот, со оглед дека и првото полувреме го добија со висока разлика, 20-12.
Македонија и онака замина во Анталија со комбиниран состав, без неколку важни ракометарки, но на оваа средба Симовски дополнително им даде шанса на помладите и резервите, со оглед дека игравме против младинската селекција на Турција.
Најмногу се истакна Ангела Седлоска со 11 гола, Александра Боризовска постигна седум, Марија Тасевска и Јана Калајџиевска по шест.
Ова беше прв од двата планирани пријателски натпревари денеска за македонската селекција. Вториот го играме попладне од 15 часот против сениорскиот тим на Турција, кој синоќа ги совлада своите помлади колешки со 38-20. Утре ќе биде слободен ден, а в понеделник ќе се пресметаме со Косово.