Лазаров: Ветувам дека Македонија ќе игра модерен ракомет

Кире Лазаров е дел од македонската ракометна репрезентација повеќе од две децении. Во иднина ќе им биде потпора на младите играчи, но воедно ќе биде и селектор. 

На Светското првенство во Египет се покажа дека нашиот национален тим заостанува далеку зад големите репрезентации, не само во квалитетот, туку и во начинот и филозофијата на игра.

Модерниот ракомет диктира брза игра со многу трчање во два правци. Лазаров иако нема многу време да воведе промени во играта, најави дека на идното големо натпреварување на ЕП 2022, јавноста ќе види една поинаква Македонија.

„Сега нема да имаме премногу време да ја менуваме играта и филозофијата, бидејќи за еден месец играме со Данска и нема простор за премногу промени. Ќе го одиграме она што најдобро го знаеме и со оние играчи кои ни се на располагање. Јас можам да ви ветам дека на следното Европско првенство во Унгарија и Словачка ќе видите една поинаква Македонија. Брз и модерен ракомет, со игра во два правци“, рече новиот селектор. 

Лазаров исто така се осврна и на проблемот со минутажата на играчите и нивната активност во клубовите, проблем кој веќе неколку циклуси се провлекува и го кочи перформансот на националниот тим.

„Ова е проблем кој го имаме подолго време, без разлика кој бил селектор. Многу е важно играчите да играат во клубовите, да се во добра форма, бидејќи кога ќе ви дојдат во репрезентацијата во таа ЕХФ-недела, со два дена тренинзи нема простор за многу да се смени. Ќе настојувам да имам комуникација соклубовите, луѓето од мојот стручен тим ќе ги задолжам да бидат во постојана врска и со играчите и со клубовите. Ќе се обидам да го однесам чекор понапред овој случај, бидејќи е за доброто на целиот македонски ракомет.“, додаде Лазаров.