Лазаров: Вардар е институција која му е неопходна на македонскиот народ!

Брзата реакција преку социјалните мрежи со зборови на поддршка за жителите на Загреб, кој неодамна настрада во серија силни земјотреси, е причината што македонската ракометна легенда, Кирил Лазаров, одново стана интересен за хрватските медиуми.

Капитенот на македонската репрезентација првите интернационални чекори ги направи во дресот на ППД Загреб, поради што хрватската јавности сѐ уште го смета за „свој“ и редовно го следи и известува за неговите успеси. Во мега-интервју за дневниот лист „24 сата“, Лазаров говори за речиси секој сегмент од својата кариера, а го спомна и актуелниот европски шампион Вардар.

„Вардар направи многу, дури и многу повеќе од тоа што се очекуваше од него. Најголеми заслуги за успесите одат на сметка на Сергеј Самсоненко, кој вложи многу, но и кој работеше паметно и беше многу упорен. Ако политиката се замеша во оваа приказна ќе биде навистина лошо. Но, Вардар е институција и се надевам дека наскоро сѐ ќе биде во ред. Овој клуб му е потребен на македонскиот народ и спорт“, вели Лазаров.

Бекот на француски Нант говори и за настапот на Македонија на неодамнешното ЕП 2020 на кое нашата селекција не мина очекувано, односно испадна уште по првата фаза, како и за својата иднина во жолто-црвениот дрес.

„Ја подмладивме репрезентацијата, нешто што можеби требаше порано да го направиме, но од секоја грешка се учи. Националниот тим максимално те троши, особено кога си во години како моите, но за младите ракометари и одличен излог на пазарот на играчи. Спортот е најголем амбасадор на една држава, а јас дадов збор дека ќе бидам секогаш тука за националниот тим, без разлика во која улога“, загадочен е Лазаров.

Легендарниот репрезентативец потенцира дека својата иднина ја гледа во ракометот.

„Имам договор со Нант за уште една сезона, а во меѓувреме подготвувам дипломска работа на тема ракомет и се запишав за дипломата Мастер-коуч. Иднината дефинитивно ми е врзана со спортот и ракометот, тоа е најдоброто што знам да го правам. Ќе си поставам високи амбиции и ќе сторам сѐ за да ги остварам“, завршува Лазаров.

Целото интервју на македонскиот репрезентативец може да го прочитате на следниот линк.