Лазаров: Треба да ја научиме лекцијата од баражот со Фарски Острови, секој гол е важен!
Селекторот Кире Лазаров истакна дека ова се натпревари кои се играат под голем притисок поради нивната важност и во дуелот ќе влеземе со максимален респект кон противникот.
„Имаме искуство ние како стручен штаб и дел од ракометарите, ова се одлучувачки натпревари и се играат под голем притисок поради важноста. Имаме почит кон Словачка која работи долго време заедно, имаат и селектор кој доаѓа од земја која дава фантастични тренери во сите спортови, Шпанија. Нема да биде воопшто лесно, треба да ја научиме лекцијата и од минатиот бараж со Фарски Острови дека секој гол е важен, мораме да биде максимално одговорни и сконцентрирани во сите 60 минути“, порача Лазаров.
Лазаров предупреди и на атмосферата на гостински терен каде што очекува Словачка да има максимална поддршка.
„Татран Прешов е ракометна мека за европскиот ракомет, знаат да направат атмосфера, сигурно ќе биде полна сала и мормае да зборуваме и на таа тема. Како ние што гледаме свои шанси, така и тие можат да кажат дека го добиле најпосакуваниот противник од првиот шешир затоа што избегнале селекции како Франција или Шпанија и нормално дека си гледаат свои шанси.
Овие денови мораме да ги искористиме максимално, верувам во тимот кој што го одбравме, имаме млад тим, 19 од 20 ракометари се под 30 години, некои нема и 20 години. Најискусен е Николче Митревски кој секогаш носи квалитет на неговата позиција. Знаеме што сакаме, млади сме, можеби фали мало искуство за ваков тип натпревари, но тоа треба да го надополниме со борба. Во Прешов очекувам цврст натпревар со многу прекини, потоа дома очекувам полна сала и максимална поддршка.
Потенцираше Лазаров и дека местото во првиот шешир до кое дојдовме со настапот на Европското првенство за Македонија значи многу.
Ние се измачивме да бидеме во тој прв шешир на Европското првенство кое за нас значи многу да бидеме во ваква позиција. Знам каков тим и каков концепт ќе примениме, знам како сакаме да играме и како што кажав верувам во тимот, без разлика на противникот очекувам да одговориме позитивно
Првиот меч се игра на 14 мај во Прешов, Словачка со почеток од 19 часот. А реваншот е три дена подоцна, односно на 17 мај во Скопје со почеток исто така од 19 часот.