Лазаров: Холандија не ни одговара, ама - ќе изгинеме за пак да ја израдуваме Македонија!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров е презадоволен од изданието против Унгарија, но вели дека тој меч веќе е заборавен и мислите комплетно се насочени кон утрешниот предизвик, дуелот со Холандија.

По големото реми против Унгарија, македонските ракометари утре од 18 часот имаат нов тежок предизвик, дуел со Холандија која исто како и Унгарците ќе излезе како фаворит на паркетот во Вараждин.

„Треба да бидеме навистина задоволни, нема за што да жалиме, треба да го заборавиме тоа и со една позитивна мисла да одиме напред. Треба да бидеме свесни дека и покрај добриот резултат кој можеше да биде уште подобар и добрата игра, да не бараме леб преку погача, треба да се фокусираме на она што ни следува, а тоа е утрешниот меч против Холандија“, вели Лазаров.

Кире Лазаров вели дека стилот на Холанѓаните помалку ни одговара отколку она што го играат Унгарците.

„Унгарија е поцврста репрезентација, но Холандија е селекција која помалку ни одговара според стилот на игра затоа што има брз ракомет и ритам 60 минути. Нашите момци имаат добра атмосфера, имаат самодоверба, имаат поддршка од нашите фанови кои ќе бидат во уште поголем број и треба да го искористиме тоа, да се чувствуваме како дома и да го дадеме нашиот максимум. Холанѓаните според коефициентот се апсолутни фаворити без разлика на нашиот резултат вчера, тоа го прифаќаме и само со максимална мотивација, сплотеност и борбеност ќе пробаме да им парираме“.

„Имаме добра атмосфера, со ракометарите разговаравме многу, кај нив се чувствува една разочараност од пропуштеното, но како поминуваше денот го сфатија тоа. Имаме ние играчи кои победувале големи натпревари и што губеле. Играчи од Вардар, Пелистер, Алкалоид каде што имале и болни порази и победи во Европски натпревари, па ја имаат поминато таа бариера ако постои. Се надевам дека тоа нема да се одрази“.

Селекторот по вчерашниот меч ја спореди сегашната бековска тројка со легендарната „Лазаров, Миркуловски, Мојсовки“.

„Можеби еуфорично ги дадов тие комплименти, но навистина бев задоволен од бековите, но не можам да ја заборавам ни одбраната и ангажманот што го дадоа во таа одбрана со таа подвижност во таа борба со тешките бекови и пикери на противникот. Но морам уште еднаш да кажам дека бековската тројка потсети на старите добри времиња, додуша они со една поголем брзина, ние игравме поспоро“.

Лазаров за утре најавува максимална борба од ракометарите и уште една добра приредба за нашите навивачи.

„Утре најважно ми е да се бориме, да не гледаме во резултат, да изгинеме 60 минути бодрени од нашата Фаланга и само така имаме шанси“.